ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ
Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“, започнаа со спроведување на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“.
Проектот е финансиран од Европската Унија и ќе се реализира од 1.09.2020 до 31.08.2023. Овој проект работи на подобрување на можностите за образование на децата со попреченост и придонесува кон развитокот на инклузивен несегрегиран потсистем на основно образование, кој е отворен за сите и обезбедува висококвалитетна настава и осмислени можности за учење на сите ученици со попреченост, и на тој начин ја зајакнува нивната социјална и образовна инклузија. Тежнее кон целосен и еднаков пристап на децата со попреченост до редовните училишта и им на помага училиштата во подобрување на подготвеноста и капацитетите за осмислена инклузија преку обезбедување на пристапни и стимулативни средини за учење, како и високо квалитетна прилагодена настава за учениците со најразлични образовни посебни потреби, вклучувајќи физичка, сетилна и интелектуална попреченост.
Проектот ќе се спроведува на национално ниво, и очекува од придобивките да имаат корист:
- 450 деца со попреченост од прво до четврто одделение ќе добиваат месечни стипендии, со примарен фокус на оние кои се запишуваат во редовните училишта;
- 200 директори, наставници, педагози, психолози и/или специјални едукатори ќе учествуваат во работилници за професионален развој;
- 30 носители на политики на локално и национално ниво ќе учествуваат во работилници за градење капацитети;
- 40 основни училишта ќе добијат поддршка за подобрување на пристапноста и/или средината за учење;
- 40 тутори ќе ги изградат своите капацитети и ќе им помагаат на примателите на стипендии со поддршка во процесот на учење.