Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ отпочна нов проект „Децата на 1-во место!“ финансиран од Европската Унија кој ќе се спроведува во соработка со релевантните институции во земјава (Народниот Правобранител, Министерство за образование и наука).
Општата цел на проектот „Децата на 1-во место!“ е да го поддржи и промовира почитувањето на правата на детето како предуслов за демократски училишни заедници кои градат и негуваат активни и одговорни граѓани. Конкретните цели на проектот се: 1) Да се залага за заштита на правата на детето преку собирање и анализа на податоци од истражување; 2) Да се поддржи унапредувањето и заштитата на правата на детето во училиштата преку градење на капацитетите на учениците, наставниците и родителите и овозможување учество на учениците во училишниот живот; и 3) Да се подигне јавната свест за правата на децата, заштитата и учеството преку јавна кампања. „Чекор по чекор“ потпиша Меморандум со Народниот правобранител за соработка во спроведувањето на овој проект.
Проектот ќе се спроведува во периодот 16.01.2023-15.01.2026 г. и ќе опфати најмалку 250 ученици од 5 основни училишта (едно со голем број ученици Роми, а останатите четири рурални училишта со настава на други јазици (албански, турски, српски и босански); 50 наставници и претставници на училишната стручна служба (педагози, психолози, социјални работници и сл.) најмалку 50 родители, Ученичкиот правобранител и членовите на Ученичките парламенти во овие основни училишта.
Проектот „Децата на 1-во место!“ ќе се имплементира преку четири проектни компоненти / пакети на активности: 1) Истражување и застапување за правата на детето во соработка со Народниот правобранител; Јавен настан за споделување на наодите од истражувањето и препораки за застапување; 2) Поддршка на училиштата за практикување на детските права - Развивање прирачник за наставници за Конвенцијата за правата на детето (КПД), детска заштита и превенција од насилство; Изработка на сликовници за детските права на македонски, албански, турски, српски, босански, ромски и знаковен јазик; Обезбедување обука на учениците за нивните права; за ученичко учество; за безбедноста на интернет и онлајн насилството; Менторство на ученички училишни проекти за детски права; Обезбедување обука на наставниците и родителите; Поддршка на мали ученички проекти во 5 основни училишта за поддршка на активности за практикување на детските права и на планот на активности на Ученичкиот Парламент и Ученичкиот правобранител; Летна школа за правата на детето за ученици и наставници; 3) Кампања за правата на детето: едукативна и промотивна видео кампања, кампања на социјалните медиуми, спортски активности, караван за детски права и 4) Видливост и јавна промоција на проектот.