МОЖНОСТИ ЗА РАБОТА

Повик за експерти за истражување за детски права во проектот Децата на 1-во место!

Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор'' објавува повик за ангажирање индивидуалци или тим од  експерти  за спроведување  национално истражување за детски права во основните училишта во рамки на проектот „Децата на 1-во место!“

 

I. Основни информации за организацијата

Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор'' Македонија (Фондација Чекор по чекор) е основана во 2000 година со цел да ја продолжи воспитно-образовната методологија „Чекор по чекор” во градинките и основните училишта во Република Македонија. Мисијата на Фондацијата „Чекор по чекор”   е да изготвува, развива и спроведува програми кои го унапредуваат образованието и културата во современото општество како клучен фактор за образовен, културен, економски и социјален развој. „Чекор по чекор“ посветено работи на остварување на следниве стратешки приоритети: 1) подобрување на компетенциите на наставниците за реализирање современа наставна пракса, 2) подобрување на компетенциите кај децата за критичко размислување и самостојно учење; и 3) промовирање  еднаков пристап до квалитетно образование за децата од ранливи групи.

II. За проектот во чии рамки се спроведува истражувањето

„Децата на 1-во место!“ е проект на  Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ финансиран од Европската Унија кој има за цел да го поддржи и промовира почитувањето на правата на детето како предуслов за демократски училишни заедници кои градат и негуваат активни и одговорни граѓани. Конкретните цели на проектот се: 1) Да се ​​залага за заштита на правата на детето преку собирање и анализа на податоци од истражување; 2) Да се ​​поддржи унапредувањето и заштитата на правата на детето во училиштата преку градење на капацитетите на учениците, наставниците и родителите и овозможување учеството на учениците во училишниот живот; и 3) Да се ​​подигне јавната свест за правата на децата, заштитата и учеството преку јавна кампања. Проектот се спроведува во соработка со Народниот Правобранител и Министерството за образование и наука на РСМ.

III. Цел и елементи на истражувањето

Фондацијата „Чекор по чекор“ има потреба за ангажирање на индивидуалци или тим од експерти кои ќе дизајнираат и спроведат национално истражување за состојбата со детски права, насилството меѓу учениците и учество на учениците во основните училишта. Истражувањето треба да се спроведе на репрезентативен примерок на: ученици од 7мо до 9то одделение од основните училишта во државата, наставници од одделенска и предметна настава и родители на ученици. Истражувањето треба да опфати неколку аспекти и тоа: детски права генерално (познавање на Конвенцијата за права на детето, како и кој ги заштитува, како и во која мера се почитуваат правата на детето кај нас и сл.) , учество на учениците во донесување одлуки на училишно ниво преку ученичките парламенти и ученичкиот правобранител, како и насилството и безбедноста на учениците.

Експертите, во соработка со проектниот тим, треба да ја дефинираат методологијата, инструментите на истражувањето, да го спроведат истражувањето и да направат анализа на добиените резултати со препораки за подобрување на состојбата со почитување на детските права.

Фокус на истражувањето и истражувачки прашања:

  • Преглед на можностите и начините на адресирање на правата на детето, нивно изучување и промовирање (во легислативата и најновите стратешки документи за основно образование -Стратегија, Концепција на основно образование, Закон за основно образование), и во курикулумот - наставните планови и програми за основно образование, вон-наставните активности; итн.
  • Во кој обем се познаваат и како се перципираат детските права;
  • Какви се ставовите на учениците, наставниците и родителите за почитувањето на детските права во основните училишта;
  • Дали и колку се запознаени со правото на ученичко организирање и дали/како тоа право го практикуваат, какви форми на учество во училиштата постојат, постоење и вклучување во активности на ученичкиот парламент, разбирање на ученички активизам, вклучување и/или причини за невклучување на учениците во одлучувањето;
  • Дали и колку се запознаени со постоењето, мандатот и начинот на делувањето на Ученичкиот парламент, Ученичкиот правобранител, Народниот правобранител;
  • Какви се ставовите на учениците, наставниците и родителите во однос на постоење и видови на насилство кај младите, безбедност , приватност, заштита на личните податоци и заштита од насилство на интернет;
  • Детектирање на критични точки и потреби кај учениците, наставниците и родителите за обуки и за други интервенции и мерки за подобрување на состојбата со детските права од државата и различните актери (училишта, МОН, локална самоуправа, граѓански организации);

Истражувањето треба да ја опфати/таргетира следнава бројка на ученици, наставници и родители:

  • Најмалку 600 ученици (7-9 одделение)
  • Најмалку 150 наставници
  • Најмалку 100 - 150 родители

Прашалниците ќе бидат преведени на 5 јазици на настава (македонски, албански, турски, српски и босански) и ќе бидат спроведени онлајн во формат /на платформа избрана од експертите која ќе овозможи лесен пристап за испитаниците и обработка на добиените податоци.

IV. Задачи и очекувана временска рамка за реализација

Вкупниот обем на задачите на експертите за ова истражување е најмногу 50 денови и треба да се спроведе во период од 15.04. до 31.06.2023 г.

No.

Задачи на експертите

Временска рамка

1

- Канцелариско истражување на релевантни досегашни објавени истражувања за детски права, учество на учениците и насилство и безбедност, преглед на аспектите од легислативата, националните стратешки документи и курикулумот кои ги адресираат правата на детето и го промовираат нивното изучување и практикување.

- Дизајн на инструменти за онлајн прашалниците и фокус групите

Април

2

  • Спроведување на онлајн прашалниците и фокус групите
  • Онлајн прашалник за ученици од 7мо до 9то одделение
  • Онлајн прашалник за наставници од основно училиште
  • Онлајн прашалник за родители на ученици во основно училиште
  • Фокус група со ученици од одделенска настава
  • Фокус група со директори и стручна служба од основни училишта
  • Фокус група со родители

Април-мај

3

- Статистичка обработка на добиените податоци

Јуни

4

- Анализа и подготовка на извештај од истражувањето со препораки за подобрување на состојбата за различните актери

- Презентација на истражувачките резултати на јавен настан

Јуни

 

Вкупен ангажман:

Најмногу до  50 дена* во периодот април-јуни

*Бројот на експертски денови ќе биде одреден/потврден заеднички со секој од експертите

 

Профил на експертите и начин на плаќање

За потребите на истражувањето ќе се ангажираат експерти, еден или повеќе со оглед на различните аспекти на истражувањето, коишто треба да ги имаат следните квалификации:

  • Додипломски и/или постдипломски студии во областа на право, психологија, образование
  • Познавање на детските права и потребите на детето
  • Напредни истражувачки и аналитички вештини и разбирлив стил на пишување
  • Претходно искуство во спроведени истражувања соодветни или блиски до областа на истражување во овој повик

Експертите можат да се јават индивидуално (за целото истражување или за одделен аспект од истражувањето) или како тим од неколку експерти кои заеднички ќе го дизајнираат и во соработка со менаџерите на проектот од Фондацијата „Чекор по чекор“ ќе го спроведат потребното истражување. Ангажманот на експертите и во овој случај ќе биде регулиран преку поединечни договори.

Фондацијата „Чекор по чекор“ ќе изврши исплата на хонорарот после доставен и одобрен финален извештај од страна на проектниот тим. Исплатата ќе се изврши според потпишан Договор за  консултантски услуги во кој е регулиран обемот и предметот на ангажманот.

VII. Начин на пријавување

Заинтересираните кандидати се пријавуваат со следниве документи:

  • Пријава за изразување интерес;
  • Кратка професионална биографија;
  • Доказ за завршено соодветно образование (копија од диплома/постдипломски студии);
  • Референци за претходно спроведени истражувања (линк или копија од истражувањата);
  • Предлог буџет со финансиска пресметка за ангажманот и предлог план за реализација на предвидените активности (како дел од пријавата). Во предлог буџетот треба да се вкалкулирани трошоците за персонален данок и сите други дополнителни трошоци поврзани со подготовката, прибирањето и анализата на податоците од прашалниците, како и патните трошоци за реализација на предвидените 3 фокус групи.)

Овој оглас е отворен за сите државјани на Р. С. Македонија кои ги исполнуваат наведените услови. Фондацијата „Чекор по чекор“ не поддржува дискриминација по било која основа. Ги покануваме заинтересираните кандидати да ги достават потребните документи најдоцна до 07.04.2023 г. до 12 ч. на следните е-маил адреси:  Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.  и Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

КРИТЕРИУМИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ

  • Цена (40%)
  • Соодветно образование и искуство (40%)
  • Реалистичност и навременост на предлог планот на активностите (20%).

Успешните кандидати ќе бидат информирани за понатамошните активности.

ПАРТНЕРИ

USAID OSI Member of ISSA-logo-final FOSIM
Save the children EU DIC Биро за развој на образованието