ПРОЕКТ НА УСАИД „Со читање до лидерство’’
Јазичните и математичките вештини, коишто се развиваат уште од најраните фази на образование, се клучни за идниот успех на ученикот во и надвор од училницата. Читањето не само што претставува клучна вештина во животот, туку е и неопходно за совладување на останатите училишни предмети. Учениците кои во пониските одделенија не успеваат да научат да читаат течно, подоцна не можат да го користат читањето како инструмент за совладување на другите предмети, со што заостануваат зад своите врсници а таквиот проблем само се зголемува со текот на времето.
Еден од клучните показатели кои јасно укажуваат на потребата за подобрување на овие вештини кај ученици во Македонија се нивните слаби постигања на меѓународните студии по мајчин јазик, математика и наука, како што се ТИМС, ПИРЛС, и ПИСА, каде котираме под границата на меѓународните стандарди и цели. Од друга страна, пак, во нашата држава досега не се правени редовни мерења на постигањата по мајчин јазик и математика уште во почетните одделенија, а тоа несомнено би придонело за рана дијагностика на состојбата и изнаоѓање начини за подобрување.
Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“ е создаден со цел да се најдат соодветни одговори на овие предизвици. Проектот има за цел да ја процени јазичната и математичката писменост на учениците од почетните одделенија, да ги подобри педагошките вештини на наставниците и да ја подигне свеста кај целата заедница за важноста на овие основни компетенции на децата.
Во партнерство со Министерството за образование и наука и останатите образовни институции, работиме со учениците од почетните одделенија од сите основни училишта, наставниот кадар, родителите и локалната заедница. Со цел да ја процениме и подобриме почетната писменост кај учениците, применуваме сеопфатен приод во кој проектните активности се спроведуваат низ пет компоненти кои меѓусебно се надополнуваат:
- Процена на јазична и математичка писменост
- Професионален развој
- Заедници за учење
- Дигитални ресурси за учење
- Вклучување на семејствата и заедницата
Во одделните секции за компонентите можете да прочитате повеќе детали за целите и планираните активности на секоја компонента одделно, како и за можностите за ваше вклучување во проектот.