Оглас за доделување стипендии на ученици со попреченост запишани во I одделение во учебната 2021/2022 г
Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“го реализира Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието и со финансиска поддршка од Европската Унија. Проектот има за цел да придонесе кон целосна и рамноправна вклученост на децата со попреченост во редовните основни училишта, кои прераснуваат во безбедни средини што се отворени и пристапни за сите деца и посветени да обезбедат квалитетно образование на децата со разновидни образовни потреби.
Една од главните активности на Проектот е доделување стипендии на деца со попреченост, чија цел е да се пружи поддршка на семејствата на децата со попреченост во надминување на трошоците поврзани со нивното школување, училишни материјали, специјализирана опрема, воннаставни активности, асистенти за помош/едукација, трошоци за терапија, транспортни трошоци или други слични специфични потреби, а воедно да се поддржи процесот на проактивно и засилено запишување на ученици со попреченост во редовните училишта.
Во текот на учебната 2020/2021 година, проектот обезбеди стипендии на 322 деца со попреченост кои се запишаа и редовно посетуваа настава. Проектот ќе ја продолжи поддршката на овие стипендисти, но и ќе овозможи дополнителни стипендии за нови 150 ученици со попреченост запишани во прво одделение во учебнана 2021/2022 година кои ги исполнуваат долунаведените критериуми. Висината на месечната стипендија е 50 ЕУР во денарска противвредност и истата ќе се доделува за 10 месеци, од септември 2021 г. до јуни 2022 г. Задржувањето на стипендијата во следната учебна година зависи од редовноста на ученикот во училиште и успешниот премин во следното одделение, за што корисниците ќе треба да достават евидентни листови за успешно завршено тромесечје, полугодие и учебна година.
Вклученоста и редовноста во настава се од витално значење за задржување на стипендијата. Очекувањата за редовноста на учениците со попреченост и начинот на нивното учество во наставата (далечински или со физичко присуство) ќе зависат од општите препораки за одвивањето на наставниот процес кои ќе ги донесе Владата на Република Северна Македонија, а со цел да се обезбеди максимална безбедност на учениците од КОВИД-19.
Средствата од стипендијата ќе се исплатат на родител/старател на ученикот.
Можност за пријавување имаат децата кои ги исполнуваат следните основни критериуми:
- Да се деца со попреченост кои во учебната 2021/2022 година се запишуваат во прво одделение,
- Да поседуваат документација за вид и степен на попреченост (Наод и мислење и/или Наод од стручно тело за проценка на функционирање, попреченост и здравје),
- Да се обврзат на редовно посетување на наставата, во зависност од индивидуалните можности и согласно препораките за безбедно посетување настава во услови на пандемијата КОВИД-19,
- Да не се корисници на било каква друга стипендија доделена од било која друга институција или компанија,
- На родителот/старателот кој аплицира во име на кандидатот за стипендија да не му е одземено родителското право.
За дефиниција на дете со попреченост се користи разбирањето за попреченост кое е дефинирано во Правилникот за оцена на видот и степенот на попреченост на лицата во менталниот или телесниот развој[1] и се однесува на:
- Лица со оштетен вид (слабовидни и слепи)
- Лица со оштетен слух (наглуви и глуви)
- Лица со пречки во гласот, говорот и јазикот
- Лица со пречки во телесниот развој
- Лица со попреченост во менталниот развој (лесна, умерена, тешка и длабока)
- Лица со аутизам и друго перварзивно развојно растројство
- Лица со повеќе видови на попреченост (лица со комбинирани пречки во развојот).
Потребни документи кои треба да се приложат:
- Пријава за стипендија од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“. Пријавата можете да ја симнете ТУКА и таа треба да биде во целост пополнета и потпишана,
- Потврда од училиште за редовен ученик во прво одделение во учебната 2021/2022 година, со печат и потпис од училиштето
- Документација за вид и степен на попреченост (Наод и мислење и/или Наод од стручно тело за проценка на функционирање, попреченост и здравје),
- Извод од Матичната книга на родени за ученикот.
Во случај на конкурсот да се пријават повеќе од 150 ученици кои ги исполнуваат основните критериуми, предност ќе биде дадена на оние деца со попреченост кои:
- Се запишани во прво одделение во редовна паралелка односно редовно основно училиште
- Деца на самохрани родители
- Деца со еден или двајца невработени родители
- Деца од семејства со приходи на ниво на минимална плата
- Деца кои се сместени во згрижувачки семејства
- Деца кои доаѓаат од многудетни семејства
- Деца каде во потесното семејство има и друг член со попреченост.
Покрај ова, поради особено малата застапеност на девојчиња со попреченост во образовните установи во споредба со момчиња со попреченост, девојчињата ќе имаат предност при доделувањето на стипендии[2]. Проектот воедно го задржува правото да воведе и други разумни дополнителни критериуми за селекција на стипендистите во случај на поголем број апликации односно кандидати кои ги исполнуваат горенаведените основни или дополнителни критериуми. На барање на проектот, веродостојноста на податоците кои ќе бидат наведени во пријавата ќе треба да се поткрепи со дополнителни документи.
Документите треба да се достават најдоцна до 30 септември 2021 (четврток), 16.00 часот до една од следниве организации:
- Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ на Партизански одреди 72а (мезанин), Скопје, лично во периодот меѓу 8 и 16 часот, по пошта (за пријавите испратени по пошта за време на поднесување ќе се смета времето на испраќање на пријавата), или скенирани на следнава е-маил адреса: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите., или
- Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“, ул. Пионерска 29 1/1, 1300 Куманово (до Лабораторија Др. Стојмановски) , лично во периодот меѓу 08:30 и 16:30 часот, по пошта или скенирани на следнава е-маил адреса: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите., или
- Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“, ул."Браќа Миладинови" 402; А2 1/2, 1200 Тетово (спроти Текстилно училиште) лично во периодот меѓу 08:30 и 16:30 часот, по пошта или скенирани на следнава е-маил адреса: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.,
За резултатите од конкурсот кандидатите ќе бидат известени по електронска пошта (на адресата наведена во пријавата).
За сите дополнителни информации контактирајте на : Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. или на 072 307 326.
Важна информација:
Семејствата на кандидатите кои ќе добијат стипендија не го губат правото на гарантираната минимална помош согласно член 4 од „Правилникот за начинот на остварување на правото на гарантирана минимална помош...” (Службен весник на РСМ, бр. 109 од 28.5.2019 година)[3]: При остварување и користење на правото на гарантирана минимална помош, стипендијата не се смета како приход.
Телефони за дополнителни информации или доставување на документи:
Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ - 072 307 326.
Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ – 076 279 663.
Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“ - 070 256 926.
[1] според Службен весник на Република Македонија бр. 172 од 12.09.2016 г., достапен на http://www.slvesnik.com.mk/Issues/fb7e5c35ab144f3eb7d9840f876ca818.pdf
[2] Ќе се води сметка за еднаква родова застапеност на децата стипендисти, односно 50% од стипендистите да бидат девојчиња.
[3] http://www.mtsp.gov.mk/content/pdf/2019pravilnici/30.5-%20ostvaruvanje%20na%20garantirana%20paricna%20pomos.pdf