Ова е Вики. Таа може да си ги изброи годините
на прстите од левата рака. Колку прстиња,
толку години! Таа не ја користи десната рака за броење.
Десната рака ја користи за да црта во црвена тетратка.
Црвената боја ѝ е омилена.
Вики седи на скалите и со двете раце го гали
Бакс, нејзиниот кокер шпаниел.
„Мама има црвена коса, Тато има црвена коса, Мартин има
црвена коса и јас имам црвена коса. Ние сме семејство.
Само... само, Мама носи очила, Тато носи очила, Мартин
носи очила, a јас... „А ти, па ти си добар“, вели Вики
додека му се смешка на Бакс. „Кучињата обично
не носат очила... или носат?
„Дали некој ги видел моите очила?“ праша
Mама подоцна.
Тато веднаш ги здогледа. „Кој му го направи ова на
кучето?“ праша тој додека ги одврзуваше очилата на
Mама од муцката на Бакс.
Мартин се смееше на цел глас:
„Прекрасно, Бакс личи на Мама!“
Вики е тажна. Сака да носи очила како
Мама, Тато, па дури и Мартин. Таа стои
пред огледалото и си црта очила околу очите со
син фломастер. Тие изгледаат малку нееднакви,
но, сепак, тoa се нејзините први очила.
„Кој цртал по огледалото?“
сакаше да дознае Мама.
„Веднаш избриши ги овие чкртаници!“
„Тоа се моите очила“, објасни Вики.
„Види колку убаво ми стојат“.
Мама се наведна за да може подобро да ја види
Вики со очила.
„Во право си“, рече таа со насмевка.
„Би сакала и јас да имам такви очила“.
Вики сака да ја гушне Mама, но
ако се помрдне, нема веќе да ги има
преубавите очила и нема да личи на Mама.
Вики знае дека со очила се гледа подобро.
Така ѝ кажа Тато кога ги купија очилата
за Мартин. А за неа немаше. Ѝ дадоа само една
бескорисна кадифена мачка.
Вики втрча во собата и почна да го бара својот
мачор во орманот. Изгледаше толку обично. Вики му
направи очила од парче жица. „Сега личиш на Тато“.
Наскоро, сите кукли, мечето,
мајмунчето, па дури и големиот
кит на дување добија очила од жица.
„Сега сите вие сте дел од
нашето семејство“, рече
Вики гордо.
Таа вечер, Тато заспа во
својата удобна фотелја.
Вики тивко се прикраде, се поткрена
на прсти и нежно му ги симна
очилата на Тато. Тој мрдна, шмркна
со носот, но продолжи да спие.
Вики ги затвори очите и со голема
возбуда ги стави очилата на Тато
на своето лице. Погледна подзамижaна кон
телевизорот... Сѐ беше матно!
Вики вресна толку гласно
што го разбуди Тато. „Зошто
врескаш?“ праша тој.
„И зошто ги носиш моите очила?“
„Ти ми рече дека луѓето со очила гледаат
подобро“, се пожали Вики натажено.
„Но само оние кои гледаат лошо без нив“,
ѝ објасни Тато галејќи ја по косата.
Тогаш Вики праша со трепетлив глас:
„Значи јас... јас не му припаѓам на ова
семејство бидејќи сите вие носите очила?“
„Ти имаш најздрави очи во целото наше семејство“,
рече Тато и ја седна Вики во својот скут.
„И најубави“, додаде Мама
бакнувајќи ја косата на Вики.
„И ти ги правиш најубавите китовски
очила што некогаш сум ги видел“,
рече Мартин, намигнувајќи ѝ.
Потоа сите се гушнаа и трите
рала очила се чукнаа како чаши
за вино кога се наздравува.
Мама, Тато и Мартин избувнаа во смеа.
А веднаш потоа и Вики почна да се смее
бидејќи сфати дека нема потреба да се
плаши поради тоа што е различна.