Едно утро, Рита се разбуди многу рано.
Мајка ѝ и татко ѝ сѐ уште спиеја.
„Денес ќе ја изненадам мама и
ќе ги навадам цвеќињата“, реши
Рита и скокна од креветот.

Ја зеде кантичката за полевање,
ја наполни со вода и отиде во
градината.
Додека ги прскаше со вода
розевите цветчиња, групирани
како ѕвезди, и долгите дршки
на петуниите со цветови како
портокалови клунови, Рита
слушна чуден звук: Ква, ква, ква!

Можеби е змија? Или вештерка
која се обидува да ја уплаши?
Рита беше готова да избега во куќата, кога
погледна надолу и виде млад папагал како
стои на земјата.

„Колку си убав!“ рече Рита, воодушевувајќи
се на неговите зелени пердуви, заоблен
клун и малечки канџести ножиња. Зачекори
кон птицата. Таа потскокна, но не одлета.

Ја зеде нежно во раката и рече: „Се изгуби?
Каде е мајка ти?“ Погледна наоколу, но не
успеа да види други птици во дворот.

“Ќе мора да дојдеш дома со мене“, му се
обрати Рита на папагалчето.
„Каде ја најде птицава?“ праша мајка
ѝ на Рита додека се проѕеваше.

„Во дворот. Нејзината мајка ја нема“.

„Хмм“, рече татко ѝ на Рита, „да
појдам да ѝ направам кафез“.
Рита го крсти папагалот Кочо и тој живееше
во кафезот што ѝ го направи татко ѝ.

Кочо научи да повторува сѐ што ќе кажеше
Рита.

„Здраво“, рече Рита.

„Здраво! Здраво!“ повтори Кочо.

„Моето име е Рита“, рече таа.

„Моето име е Рита! Моето име е Рита!“
викаше Кочо.

„Не, ти се викаш Кочо“, се смееше Рита.

„Не, ти се викаш Кочо! Не, ти се викаш
Кочо!“ се радуваше Кочо.
По долго време, Кочо си го научи името.

„Здраво, моето име е Кочо“, ќе кажеше тој
кога Рита ќе се вратеше од училиште.

„Здраво, Кочо!“ ќе отпоздравеше Рита.
Потоа, таа ќе ѝ разкажеше на птицата сѐ за
нејзиниот ден.

Кочо беше добар слушател, но и уште
подобар говорник.

„Ав, Ав!“ велеше тој кога кучињата ќе лаеја
навечер.

„Динг! Динг!“ велеше тој кога рано наутро
поминуваше млекарот.

„Потивко, потивко“, велеше тој кога мајка ѝ
на Рита ќе му речеше да не зборува многу.
Една вечер, Рита ги слушна своите родители
како шепотат во својата соба.

„Папагалот ме излудува“, рече мајка ѝ.
„Навечер не можеме да спиеме, а ни преку
ден не е ништо подобро. Мислам дека е
време да го пуштиме Кочо да одлета“.

„Но Рита го сака“, одговори татко ѝ.

„Тој е див папагал. Треба да живее со други
папагали“.

„Ќе разговарам со Рита утре“, рече татко ѝ и
воздивна.
„Нема да им дозволам“, рече Рита.
Почека додека мајка ѝ и татко ѝ не
заспаа, стана од креветчето, се облече
и отиде кај кафезот на Кочо.

„Здраво, јас сум Кочо“, рече Кочо.

„Потивко Кочо, треба да си одиме“,
прошепоте Рита.

„Потивко Кочо, треба да си одиме“,
викаше Кочо.

Рита го грабна кафезот со птицата и
истрча надвор.
Немаше месечина. Рита полека
одеше по тревата, стигна до
портата, ја отвори и излезе на
улица.

Не помина ни 10 чекори, кога
од далечината слушна р’жење.

„Рррр“, повтори Кочо.
„РРРРРР!“ повтори гладното куче. Беше
готово да ја касне Рита.

„Оди си, лошо куче!“ рече Рита со
треперлив глас.

„Оди си, лошо куче!“ викна и Кочо.

Но, кучето уште повеќе се приближи.

„Помош!“ викна Рита. Беше толку уплашена
што едвај можеше да зборува.

„Помош, Помош!“ викна Кочо, доволно
гласно за да може да го слушне целата
улица.

Се запалија светлата во куќите на улицата.
Нејзините родители истрчаа на улица.
„Рита, ти ли си тоа?“ викна мајка ѝ.

„Рита, ти ли си тоа?“ одговори Кочо.

Големото куче се втурна кон
малечкото девојче.
Татко ѝ на Рита се стрча кон кучето
мавтајќи со рацете. Кучето избега. Мајка
ѝ ја прегрна Рита.

„Малечко мое, каде си тргнала? Да не те
слушневме како викаш, кучето можеше
да те повреди“.

„Кочо, Кочо!“ викаше Кочо.

„Се уплашив дека ќе ми го земете Кочо“,
рече Рита, голтајќи ги солзите.

„Земете, Земете!“ ликуваше Кочо.
„Многу го сакаш, нели?“ праша мајка
ѝ на Рита. „И тој се грижи за тебе.
Морам да признаам“. Но ќе мора да
научи да биде тивок“.

„Тивок, тивок“, рече Кочо.

Мајка ѝ на Рита само воздивна.

„Добро, Кочо може да остане“, рече
мајка ѝ.

„Јеееее“, извика Рита.

„Јеееее“, извика Кочо.