„Многу е тешко да се биде најмлад“,
му се пожали Горан на Бони.

„Никој не сака да си игра со мене“.
Но, Бони беше малечко кученце и
не можеше да му помогне на Горан.
„Ќе играш со мене?“ ја праша Горан својата сестра
Оливера.

„Многу сум голема за да играм со тебе“, одговори
Оливера. “Повеќе би сакала да си ја читам книгата“.

И Ангел, братот на Горан, исто така беше голем.

„Посакувам да сум постар!“ извика Горан. „Можеби
ќе бидам повисок ако ги облечам чизмите на Мама“.
„Веднаш да си ги собул чизмите!“ го
прекори Мама, па Горан веднаш ги
врати во шкафот.

„Тато многу чита, мора да знае сè“,
му рече Горан на Бони. „Можеби тој
ќе ми каже како да пораснам“.
Горан отрча кај татка си и го праша: „Тато, како
да станам голем?“

„За да станеш голем, треба да направиш нешто
големо“, одговори Тато.

Горан се насмевна. Понекогаш тато знае да
кажува чудни работи!
Горан направи пирамида од
книги и застана на врвот.

„Дали сега изгледам поголем?“
го праша тој Бони.
„Аф! лавна Бони. И тој се качи на книгите
и заедно сосе книгите треснаа на подот.
Горан отрча надвор кон јаболкницата.

„Ако се искачам на ова дрво, ќе бидам
МНОГУ висок“, му рече тој на Бони.
Горан почна да се качува по дрвото.
Бони се обиде да го следи.
Наеднаш, една гуска со голем клун
влета во дворот. Гуската се стрча кон
Бони и го гризна за клемпавото уво.

„Аф!“ зацимоли Бони од болка.
„Бегај оттука!“ ѝ подвикна Горан на гуската.

Но гуската не сакаше да го пушти увото на Бони.
Горан викна уште погласно и клоцна
со ногата.

„Остави го моето куче на мира! Тоа е
толку малечко. Како не ти е срам!“

Гуската толку се исплаши што избега.
Горан се стрча кон кученцето и го гушна.

„Јеее Бони, сега си безбеден!“
Наеднаш, Горан ја слушна Оливера како
вика од дворот:

„Видов што направи! Многу си храбар!“
„И јас, исто така, видов!“ додаде Ангел.

„Не знаев дека си толку храбар“.

Мама плескаше со рацете, а Тато рече:

„Горан, тукушто направи нешто
навистина големо!“
Горан почувствува дека е многу висок.
Направи нешто големо!

Го гушна Бони и му рече: „Не грижи се,
малечко. Секогаш ќе внимавам на тебе.
Знам колку е тешко да бидеш најмал.“