На Мама ѝ беше роденден, а Алекс немаше пари да
ѝ купи подарок. Тој немаше пари ниту за свечена
роденденска вечера.

„Во ред е, синко мој“, рече Мама.

„Ќе имаме роденденска забава некој друг ден“.

Но Алекс сакаше Мама да има забава токму тој ден.

„Ќе заработам малку пари, и ќе ѝ купам подарок“,
реши Алекс.
Откако Мама замина на работа, Алекс излезе.

Возрасните одеа со крупни чекори по улицата,
брзајќи на работа.

Уличните музичари свиреа.

Една девојка свиреше на флејта. Друга девојка
свиреше на виолина.

Алекс доби идеја.
Отрча дома за да земе тавче и лажица.

Со трчање се врати назад и застана до музичарите,
силно удирајќи со лажицата по тенџерето.

Толку му се допадна како свири што дури почна и
да танцува.
„Прекини! Ни ја расипуваш музиката!“
викна виолинистката.

„Заработувам пари за да ѝ купам
подарок на Мама“, објасни Алекс.

„Премногу си млад за да заработуваш“,
го прекина флејтистката.

„Оди, оди удирај по тавчето на некое
друго место“.
Стискајќи ја тавата во рацете, Алекс
натажено се оддалечи. Набрзо здогледа
еден паркиран автомобил. Целиот беше
испрскан со кал.

Алекс доби нова идеја:

Отрча дома, го наполни тавчето со вода
и грабна една стара крпа.
Се врати назад трчајќи и почна да ја мие колата.

Кога ќе дојде сопственикот, ќе си рече: „Колку
е сега чист мојот автомобил! Колку ти должам,
млад господине?”
„Чисти се!“ слушна Алекс рапав машки глас
„Подалеку од мојот автомобил!”

Пред Алекс стоеше огромен човек со лут поглед.

Алекс се обиде да му објасни: „Заработувам пари
за да ѝ купам роденденски подарок за...

„Заработувај на друго место“, го прекина човекот.
Алекс се тргна настрана. Од другата страна на
улицата виде полицаец кој пишуваше казна. Алекс
доби уште една идеја. Застана покрај полицаецот и
почна да мавта со тавата.

„Дојдете тука!“ им викаше на возачите. „Донесете ни
ги вашите пари!“

Три автомобили застанаа и тројцата лути возачи му се
развикаа на Алекс.

„Што правиш тука? Оди си! Можеш да настрадаш!“
Полицаецот ја стави својата рака на рамото на Алекс.

„Зошто стоиш насред улица со тавче во раката?“ го
праша.

„На Мама ѝ е роденден“, му објасни Алекс, „и јас се
обидувам да заработам пари за да ѝ купам подарок“.

„Пари? рече полицаецот. „Не ти требаат пари.
Најдобриот подарок е љубовта. Тоа е нешто што не
може да се купи ни со пари.
Додека одеше дома, Алекс размислуваше за зборовите
од полицаецот.

Тој сé уште сакаше да ѝ подари на Мама нешто... но што?

Наеднаш здогледа еден мразулец.

Висеше на еден олук и гордо сјаеше на сонцето.

„Прекрасен е“, си помисли Алекс. „Ќе ѝ го подарам на
Мама. Таа многу сака убави работи“.
Мразулецот беше цврсто закачен на олукот,
но Алекс го зграпчи и го откачи. Потоа
внимателно го стави подарокот во тавчето.
Додека Алекс иташе дома, помина покрај
полицаецот.

„Имам подарок за Мама!“ му рече Алекс.

Полицаецот му мавна и се насмевна.

Кога дојде дома, Алекс го стави мразулецот
во замрзнувачот.
Наскоро, и Мама се врати дома. „Уморна
сум“, воздивна таа. „Ајде да вечераме и да
си легнеме“.

Без збор, Алекс стави две свеќи на масата,
а помеѓу нив, во една голема чинија, го
стави мразулецот.

„Што е ова?“ праша Мама.

„Ова е мојот роденденски подарок за тебе“,
гордо одговори Алекс.
Мама претпазливо го зеде мразулецот в рака и го лизна.

„Вкусно е!“ се насмевна.

Потоа го скрши мразулецот на половина и едно парче
стави во својата чинија, а едно во чинијата до Алекс.

Алекс и Мама заедно ја изедоа вечерата и го излижаа
мразулецот.

„Ти благодарам многу!“ му рече Мама на Алекс. „Ова е
највкусниот и најубавиот роденденски подарок што сум го
добила!“