Семејството на Стефан се селеше
во нова куќа.

Стефан гледаше како татко му ја
изнесува својата омилена фотелја.

Мама го завитка албумот со
семејни фотографии во едно ќебе.

Сестра му на Стефан во рацете го
стискаше мачето. Таа никогаш нема
да го остави само.
Стефан исто така сакаше да го
земе своето омилено нешто.

Тој отиде во градината каде што
растеше неговото црешово дрво.

„Те сакам црешичке“ рече тој.
„Сакам да те земам со себе во
нашата нова куќа.”
Стефан се обиде да скрши гранка.
Но, сфати дека гранката може
да умре. Па наполни кошница со
цреши која ќе ја однесе во својот
нов дом наместо дрвото.
„Време е за одење,” рече Тато.
Сите влегоа во автомобилот.

Додека се оддалечуваа од куќата,
Стефан му мавташе на своето
црешово дрво за збогум.
Наскоро стигнаа во нивниот
прекрасен нов дом.

Сите почнаа да ги распакуваат
работите. Тато одбра совршено
место за својата фотелја. Мама
го постави албумот со семејни
фотографии над каминот, а
мачето со трчање се втурна во
кујната да пивне малку млеко.
Мама рече: „Сите дојдете, седнете и да
ручаме“.

По ручекот, Тато рече: „Сега баш добро
би ни дошле цреши.“

„Јас имам цреши“, рече Стефан. Им ја
подаде кошницата.

За кратко не остана ниту една цреша.

„Сега имам само семки од цреши“,
воздивна Стефан. Внимателно ги стави
семките во една чинија.
Во својата нова соба Стефан
гледаше низ прозорецот.

Надвор не растеше црешовото дрво.

„Знам што ќе направам!“ рече
Стефан. „Ќе насликам црешово
дрво и ќе го закачам на ѕидот“.
Стефан го наслика стеблото со гранките.
Кога Мама ја виде сликата на Стефан,
запраша „Зошто го сликаш тоа дрво?“

„Бидејќи ми недостига моето црешово
дрво!“ рече Стефан. „Многу ми недостига.“

„Дали знаеш дека твоето мало црешово
дрво израсна од една ваква малечка семка?“
го праша таа.

„Дали тоа значи дека ако посадам една ќе
израсне црешово дрво?“ ја праша Стефан.
Мама климна со главата.
„Ајде веднаш да посадиме!“ рече Стефан.
Стефан и мајка му отидоа во градината.
Ископаа мали дупки. Во секоја од
нив Стефан внимателно стави по
една семка и ги покри со земја.
Потоа ја навади земјата.
Вечерта, Стефан беше уморен и среќен.

„Повторно ќе имам црешово дрво“ рече тој.

Ги затвори очите и заспа.
Сонуваше градина полна црешови дрвја.
Врапчињата правеа гнезда на гранките од
дрвјата, а Стефан собираше зрели цреши
и ги ставаше во својата кошница.

Тоа беше неговиот прв сон во новата куќа.