Еден облачен ден,
Петар и неговата мајка
отидоа во паркот. Додека
мајка му плетеше џемперче,
Петар се лулаше на лулашкитe.
Таа наскоро ќе роди бебе,
а Петар ќе добие братче или
сестричка.
Петар го чекаше својот
најдобар другар, Иван. Кога Иван
најпосле пристигна со цела сурија
другарчиња од маалото, извика:
„Ајде да играме фудбал!“, и ја
остави својата сестричка, Тања, во
песокот да си игра.

Бидејќи Петар му беше најдобар
другар на Иван - и бидејќи ги
фаќаше сите топки - секогаш
беше голман.
Откако завршија со играта, Петар и Иван седнаа
на врвот од лизгалката и јадеа јаболка.

„Каква беше Тања кога се роди?“ праша Петар.

„Малечка“, одговори Иван.

„Па таа и сега е малечка“. Петар погледна кон неа
замислено. „А ти, беше ли среќен?“

„Мммм - не“.

„Зошто?“

„Плачеше по цели ноќи, а кога ќе ги наполнеше
пелените, смрдеше ужасно“.
Таа ноќ, Петар не можеше да
престане да мисли на бебето.
Што ќе им е воопшто бебе?

„Мамо, дали нашето бебе ќе биде добро?
ја праша мајка си следното утро.

„Како мислиш, сончко?“ праша мајка му.

„Па, малечката Тања е добра. Ќе биде ли и
нашето бебе добро?“

„Да, ќе биде“, самоуверено одговори мајка му.
Следното утро,
Петар го зачеша носето.
Кивна и се разбуди. Го виде татка си,
кој почна сериозно да зборува:

„Петар, слушај внимателно...“

„Се роди ли мојата сестричка?“
го прекина Петар.

„Немаш сестричка, доби братче“,
рече татко му.

„Па тоа не е фер!“ извика Петар.
„Иван има сестра, и јас сакам сестра!“
Тоа попладне Петар и татко
му отидоа во болницата да го видат
новото бебе. Влегоа во една голема
соба со три кревети. На секој од креветите
лежеше по една мајка. Една од мајките
беше и мајката на Петар. Таму имаше и
три креветчиња, а во секое од нив имаше
по едно бебе.

„Сонце на мама!“ извика мајка му.
„Доби братче“.

„Знам“, рече Петар разочарано.
„Иван има сестричка“.
Мама и тато се
држеа за рака и разговараа,
додека Петар гледаше низ
прозорецот. Тој воопшто не погледна
кон бебето. Кон неговото братче. Наеднаш,
бебето во тоа малечко креветче почна
силно да плаче. Мајката на Петар му
гугаше на бебето, па потоа го думкаше
сè додека тоа не се смири.

„Уф!“ си помисли Петар, нели
Иван се жалеше дека Тања вреска?
Но нашето бебе, па нашето бебе и
не плачеше долго. Ѕирна кришум кон
бебето. Не мирисаше лошо. Можеби,
сепак, ќе биде добро.
„Како да го викаме?“ праша Мама.

„Па сите знаеме дека ќе се вика Павел“,
промрморе Петар.

И навистина, му го дадоа името Павел.

„Време е да си одиме дома“, рече Тато по некое време.

„Сакам да останам со мама“, рече Петар и ја стави
главата во нејзиниот скут.

„Павел има подарок за тебе“, рече
Мама наеднаш. „Погледни под ќебенцето“.

Петар го поткрена ќебенцето и здогледа мала
црвена локомотива!
По два дена, Мама и Павел
можеа да се вратат дома.
Петар си помисли дека можеби
големите браќа би требало да подготват
подарок за добредојде за помалите браќа.
Кадифено мече би било одлична идеја.
Можеби неговото мече Ацко?

„Нема да се свртиш против мене, нели
другарче?“ му зборуваше Петар на мечето
додека го водеше до креветчето на Павел.
„Знаеш, ние сме исто семејство“. Ацко
изгледаше совршено среќен.
Мама и Павел се вратија дома. Мама го легна
Павел во креветчето и потоа го гушна Петар како
да не го видела цела година. Тој ѝ ги покажа своите
цртежи што ги беше нацртал изминатите неколку
дена. Но, тукушто Мама почна да ги разгледува,
Павел почна да вреска.

„Сонценце мое!“, извика таа и отрча да го
земе за да го смири. ДА. Таа го нарече Павел
нејзиното сонценце. Петар ја подигна трубата и
дувна со сета сила. Потоа Павел почна да плаче и
Тато му се развика на Петар.
Таа недела, се чини,
Мама правеше сѐ за Павел.
Кога му ги менуваше пелените
и го мачкаше со кремче, Петар
не сакаше ни да погледне кон нив
бидејќи смрдеше.

„Погледни што цртам“, ѝ покажуваше
Петар на Мама додека таа го
пресоблакаше Павел.

„Почекај една минутка“,
рече таа и продолжи да
ја менува пелената.
Уф, ГРОЗНО!
Во саботата, некој заѕвони на врата.

„Петар, те молам, внимавај на Павел“,
рече Мама и отиде да отвори.

„Сега уште треба и да те чувам“, промрморе
Петар додека се качуваше на столот кој беше до
масичката за преслекување. Павел го гледаше
Петар како тој да беше единственото нешто на
светот. И наеднаш го напрчи устето.

„Само немој да плачеш“, рече Петар, зашто
тогаш сите ќе помислат дека јас сум виновен,
како тогаш со трубата!“

Бебето само гледаше во него без да трепне
и наеднаш ап-чих! кивна.
Петар прсна во смеа.
Петар слушна гласови во
ходникот и наеднаш сите пријателки
на Мама влегоа во собата.

„Ох, колку убаво бебе!“ коментираа
додека се собираа околу Павел. „Видете
му го носето! И тие прекрасни рачиња.
Личи на тебе!“ воодушевено велеа тие
сопнувајќи се од играчките на Петар.

Тогаш Петар забележа дека Павел им
го плази јазикот. Паметно момче, си
помисли Петар. Павел почна да плаче
и се вцрви.

„Оф леле...“, офкаа госпоѓите додека
Мама ги испраќаше.
Кога останаа сами, Петар го зеде
Павел во скутот. Бебето поплаче уште
малку, а потоа рече нешто како „гу гу гу“ и
почна да го цица палецот на Петар.
И заспа. Петар седеше без да се помрдне.
Слушна како мајка му им рече пријатно на
пријателките и потоа тивко се врати во собата.

„Ох, Петар“, рече таа, „ти си сега моето
големо сонце, моето жапче. Ти навистина
знаеш да се грижиш за бебето. Тоа е
мирно само кога е со тебе“.
Еден облачен ден, Петар и мајка му
отидоа во паркот. Се разбира, и Павел
беше со нив. Петар ја туркаше количката.

Кога пристигнаа на игралиштето, сите
деца дотрчаа да го видат братчето на Петар.
И знаете што кажа Иван? „Супер што имаш
брат!“. „Кога ќе порасне, сите заедно ќе
играме фудбал“.